Тимот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден до раните утрински часови работеше на прибирање на материјални докази поврзани со осомничените во случајот „Примање награда за противзаконито влијание“.

Како што веќе обвинителството информираше, извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел за работа, воедно извршен е претрес и во домот на второосомничениот, како и во возилата што ги управувале.

-При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички, како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола, соопштија од ОЈО.

Со оглед на обемноста на материјалот, записниците за одземени предмети се уште се подготвуваат и во моментов обвинителството не може да соопшти детали. Воедно, ОЈО ја известува јавноста дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот. Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството колку што дозволува истрагата континуирано ќе информира за преземените дејствија.

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител на кој не му беше соопштен идентитетот, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.