Бојан Јовановски, кој е првоосомничен во случајот „Рекет“, ќе биде спроведен утре во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција од затворот во Шутка каде треба да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска.

По завршувањето на увидот во доказите, Јовановски утре првпат ќе даде исказ. Засега нема информации за тоа кога ќе даде исказ поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Денес завршува рокот за увид во доказиниот материјал за овој случај.

Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори случајот „Рекет“ во јули годинава, против Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева.

Според истрагата што ја води Русковска, Бојан Јовановски заедно со Зоран Милевски во два наврати зеле 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра со ветување дека преку ексшефицата на Катица Јанева ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.