Првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, денеска е пренесен на скопските клиники, поради испитувања за претходно закажана операција, објавија повеќе македонски медиуми, повикувајќи се на информации од управата на затворот во Шутка. 

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител на кој не му беше соопштен идентитетот, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.