Борче и Сара Ристевски

Сара Ристевски истакна дека нејзиниот татко Борче „жали за сѐ што се случило“, но и дека го сака, исто како што ќе го сака кога тој ќе излезе од затвор, во интервју во телевизиската емисија „60 минути“, пренесува весникот „Аустралијан“.

– Ја гледам болката. Не сакам луѓето да велат дека мојот татко не ја сакаше мајка ми или дека не се грижеше. Луѓето не ја гледаат болката што јас ја гледам кога одам да го посетам. Тој многу жали за сѐ што се случи. Таа му недостига секој ден  – кажа Сара, одбивајќи да даде конкретен одговор на прашањето „за што точно жали Борче Ристевски“.

Таа и натаму останува покрај татка си. 

– На крајот на краиштата, тој ми е татко и единствен преостанат родител. Веројатно, понекогаш ми е тешко да прифатам дека тој е виновен. Но мислам дека доколку јас се најдев во оваа ситуација, тој ќе беше на моја страна. Го сакам татка си сега, го сакав претходно и ќе го сакам и по 11 години кога ќе се врати дома – категорична е ќерката на Борче Ристевски.

Ристевски првично беше осуден на девет години затвор, за казната потоа да биде продолжена на 13 години со одлуката на Апелациониот суд во австралиската сојузна држава Викторија, врз основа на поднесената жалба од страна на Обвинителството.

Ристевски беше обвинет за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од првичната пресуда изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаа дека правдата не е задоволена. Обвинителството затоа одлучи да се жали на, како што посочи „јасно несоодветната казна“. М.Ж.