Бојан Јовановски, познат како Боки 13, во вторник ќе може да присуствува на судењето за предметот „Рекет“. Градската општа болница соопшти дека Јовановски е во добра здравствена состојба и дека ќе биде пуштен од болницата во понеделник.

-Лицето Бојан Јовановски беше хоспитализиран во нашата установа од 26.11.2019 до денес петок 29.11.2019 со упат издаден од докторот во ординацијата во КПВ Шуто Оризари. Сместен е во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не заради тежината на неговата здраствена состојба. Лицето Бојан Јовановски во моментот е во добра општа состојба и здраствена кондиција, а во установата останува сѐ додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања. Истиот се планира да биде испуштен од болничката установа ГОБ 8ми септември, најкасно во понеделник на 02.12.2019 година – соопштија од болницата.

Првото судење за Јовановски е закажано за вторник, 3 декември. Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го извади од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.

Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при постоење на неизменети околности.

Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка, или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела, Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Обвинетиот Зоран Милевски постојано договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од од 1,5 милион евра во различни апоени, и тоа од Ана Камчева пола милион евра, а од Орце Камчев, еден милион евра.

Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист.