Апелациската судијка Мери Дика Георгиевска, сведочи пред судот за случајот „Рекет“ каде што обвинети се Бојан Јовановски и поранешната шефицата на СЈО, Катица Јанева.

На ред за сведочење чека и шефицата на кабинет на Катица Јанева, Сања Димовска.

– Бојан го знам од дете, со мајка му сме пријателки од претшколска возраст, значи 50 години. Знам дека се занимаваше со проекти за ранливи категории граѓани, финансирани од ЕУ. Тоа се мои сознанија – рече таа.

На прашањето на обвинителката Гордана Смаќоска како Јовановски го купил станот во Орман, таа рече дека знае дека го купил од проекти.

– Летото во 2017 година Бојан кажа дека е избран за претседател на Меѓународниот сојуз, по мои сознанија, имаше Собрание на кое присуствуваа видни луѓе, јас бев исто. Понатаму не знам. Мојот син пет години живее во Милано. Имаме патувано во Милано со мајка му на Бојан и во еден наврат ѝ го дадов пасошот на мајка му за да ѝ вратат такса за два производа – рече таа.

Дика пред судот изјави дека Јовановски кога се вратил од Белград се вратил изменет, а неговата финансиска состојба се подобрила.

– Претходно живееше со неговите, беа просечно македонско семејство – рече таа.

Во случајот „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски, поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, а беше и бизнисменот Зоран Милески-Кичеец.

Истрагата почна кога Јордан Камчев, осомничен од СЈО во случајот „Империја“, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет – разни суми за разни услуги, со кои Јанева требало да ја олесни неговата положба во предметот за кој е осомничен.

На првото рочиште за „Рекет“, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина по што беше осуден на три години затвор.