Документи од лаптоп на вработена во јавното претпријатие „Паркинзи“ на Општина Центар, како и комуникацијата преку мобилен на советници од ВМРО-ДПМНЕ со граѓаните пред општината на 10 јуни 2013 година, според актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, се доказ дека насилството во Центар било организирано.

За ова денеска во Кривичниот суд сведочеше Богдановиќ предложен како сведок на СЈО во предметот „Насилство во Центар“ во којшто се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелната пратеничка во Собранието, Даниела Рангелова, тогаш советник во општина Гази Баба, Александар Трајковски и уште неколку лица.

Богдановиќ во својот исказ рече дека вработената Наде Темелковска во Секторот за односи со јавност во ЈП ПОЦ го известила дека нашла друго работно место и при раздолжување на опремата, го оставила службениот лаптоп кај него како тогашен директор на ова јавно претпријатие. Богдановиќ со цел да провери во каква состојба е лаптопот, забележал дека е отворен мејл на Јаху пребарувачот на име на сопругот на Наде, Даниел Темелковски во кој имало писма како се допишува со лица од Општинскиот комитет на Центар на ВМРО-ДПМНЕ и како се договараат да ги организираат протестите пред Центар и да обезбедат 200 луѓе.

Богдановиќ ги снимил документите и ги предал на СЈО. Според него, предводник на толпата е обвинетиот Александар Трајковски, кој и го препозна во судницата, како и Даниела Рангелова која тогаш ја извршуваше функцијата советничка во општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Како и претходните сведоци на рочиштето, Богдановиќ говореше дека на денот на насилствата во Центар чувствувал дека му е загрозен животот и оти тогашниот градоначалник Андреј Жерновоски и претседателот на Советот Мирослав Шиповиќ барале помош од полицијата но оти при разговор со началникот на полицијата на општина Центар биле известени дека не може да реагира и чека наредба од горе.

Богдановиќ рече дека протестите биле поорганизирани вториот ден кога на присутните им биле носени сендвичи, јајца за фрлање и други предмети.