Јавното обвинителство неделава ќе сослуша доста сведоци во рамки на истрагата за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, а очекува да бидат преземени и доказите барани од Република Албанија, изјави јавната обвинителка Вилма Русковска, која ја води истрагата за бегството на Груевски во Унгарија.

– Во текот на оваа недела ќе бидат сослушани доста сведоци во таа насока, а се надевам дека исто така во текот на оваа недела ќе бидат преземени и доказите кои беа барани од Република Албанија – изјави Русковска.

Прашана што досега имаат и до каде е истрагата, Русковска, рече дека кога ќе имаат нешто поконкретно ќе го соопштат.

Во однос на сведоците и дали меѓу нив можеби ќе има блиски роднини на Никола Груевски, обвинителката Русковска рече дека блиски роднини нема да има.

– Блиски роднини нема да има, тие што го обезбедуваа беа сослушани. Ова ќе бидат други сведоци – изјави обвинителката Русковска.

Поранешниот премиер Никола Груевски минатата година избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија. Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.