Битолчанец со иницијали Љ.А. (61) е осомничен дека добил кредит од 1,7 милиони евра за кој заложил сопствен недвижен имот за кој прикрил дека е предмет на конфискација.

Секторот за внатрешни работи Штип до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против Љ.А.(61) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „Измама при добивање кредит или друга поволност“ предвидено по член 249 став 1 од КЗ.

Како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, пријавениот на крајот на 2015 година со намера да откупи градежно земјиште по повластена цена од евро за метар квадратен врз основа на објекти кои ги поседувал, на органот со кој се договарал со непосредна спогодба му приложил невистинити и нецелосни податоци. Пријавениот не информирал дека објектите кои ги поседувал се во постапка за конфискација со пресуда од Основен суд Велес, со што ја довел во заблуда општина Штип. Му било издадено Решение за приватизација на градежно земјиште кое го купил по повластена цена од 3.068.025 денари, иако без таа поволност цената на градежно земјиште е 25.076.156 денари или 407.742 евра.

– Пријавениот со намера за себе да прибави кредит од банка приложил невистинити и нецелосни податоци, на тој начин што како залог во корист на банката приложил сопствен недвижен имот, притоа прикривајки го фактот дека со правосилна судска одлука имотот требало да се конфискува. Во текот на август минатата година бил солемнизиран Договор за кредит врз основа на наведениот недвижен имот кој е предмет на конфискација и се одобрува кредит од 106.087.500 денари или 1.725.000 евра, наведува МВР.