Уапсен поради поседување марихуана

Полициски службеници од Единицата за недозволената трговија со дрога и оружје при Секторот за внатрешни работи Скопје, го привеле триесет и девет годишниот Л.Ѓ. од Скопје, затоа што при претрес во неговиот дом во населбата Карпош, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Уапсени повеќемина поради продавање дрога

Четири лица биле уапсени поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Станува збор за лицата В.Х. (26), Д.Ј. (25), В.И. (29) од Тетово и Б.Л. (28) од Скопје. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Уапсен поради измама

Полициски службеници од СВР-Скопје, по претходна судска наредба, на улицата Методија Шаторов-Шарло, го уапсиле Х.А. (29) од селото Патишка Река, поради сторено кривично дело „измама“, како и за издржување казна затвор.

Уапсен при пасошка контрола

На граничниот премин Блато, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето К.Ј. (38) од Република Албанија, било на листата на лица што треба веднаш да се уапсат по барање од Интерпол од Италија, заради издржување казна затвор. Тој им бил предаден на полициски службеници од полициската станица Дебар за понатамошна постапка.

Прегазен пешак

На улицата Железничка во Охрид, патничко возило од марката „пежо“ со охридски регистарски таблички, управувано од триесет и тригодишниот С.Н. од Охрид, удрило во пешакот З.С. (62) од селото Велгошти, Охридско. Во незгодата, З.С. добила тешки телесни повреди, по што била пренесена во Општата болница во Охрид за укажување лекарска помош. На местото на несреќата бил извршен увид од страна на увидна екипа.

Повреден малолетник во сообраќајна незгода

На крстосница помеѓу улиците Драги Крупишки и Кратовска во Штип, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „југо корал 55“ со штипски регистарски таблички, управувано од Р.Ѓ. од селото Долни Балван, и мопед „гарели гсп 50“, со штипски регистарски таблички, управуван од тринаесетгодишен малолетник од Штип. Во несреќата, малолетникот добил тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничката болница во Штип за укажување лекарска помош. За несреќата бил известен и јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР-Штип.