Возило удрило во пешак во Скопје

На крстосницата од булеварот Климент Охридски со улицата Кирил и Методиј во Скопје, патничко возило „фиат“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.С. (58) од Скопје, удрило во пешакот С.Р. (71) од Скопје. Во незгодата пешакот добил тешки телесни повреди, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што бил пренесен за укажување лекарска помош. На местото на незгодата бил извршен увид од увидна екипа од СВР-Скопје.

Изгубил контрола и удрил во метална ограда

Дваесет и едногодишниот Ф.А. од Скопје, управувајќи патничко возило „сеат ибица“, со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во метална ограда. Во незгодата, сопатникот З.Ф. (19) од Скопје добил тешки телесни повреди, а возачот и уште двајцата сопатници Б.М. (25) и И.Ш. (28) од Скопје добиле телесни повреди што биле констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што биле пренесени за укажување лекарска помош.

Со фалсификувани документи се обидел да влезе во државава

Во полициската станица за граничниот премин Деве Баир, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, бил задржан К.Х.И. (34) од Турција, по што бил предаден во полициската станица во Кратово за понатамошна постапка.

Пронајдени 14 мигранти во близината на бензинска пумпа во Радовиш

На булеварот Александар Македонски, во близината на бензинска пумпа во Радовиш, полициски службеници пронашле 17 мигранти, од кои 13 од Пакистан и четворица од Кашмир. Лицата се предадени за понатамошна постапка на полициски службеници за гранична контрола и граничен надзор во Ново Село.

Контрола на моторџии во Велес, Кавадарци, Неготино и во Скопје

На подрачјето на СВР-Велес, полицијата спровела контрола на возачи на мотоцикли, при што се констатирани и соодветно санкционирани 23 прекршоци, од кои девет во Велес, пет во Кавадарци и девет во Неготино.
Контрола на возила била извршена и на подрачјето на СВР-Скопје, каде што се санкционирани шест возила бидејќи биле нерегистрирани, шест возачи затоа што управувале без да имаат дозвола, едно возило бидејќи било технички неисправно, еден возач поради поминување на црвено светло, а 70 возила се подигнати со „пајак“.