Дрога во Градскиот парк во Скопје

Градскиот парк во Скопје сѐ почесто станува локација за консумирање опојни средства. Полицијата соопшти дека синоќа во паркот биле приведени две девојки на возраст од 21 и 23 години, а во уште два одделни случаи се приведни 18 и 32-годишен скопјанец. Кај сите при преглед била пронајдена марихуана, а од полицијата велат дека по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Билансот на приведени лица поради марихуаната се дополнува и со едно 21-годишно лице, кое е приведено на кејот Димитар Влахов.
Полициските акции се надоврзуваат на оние направени минатиот месец во Градскиот парк. Тогаш само во краток период од неколку дена таму биле приведени вкупно пет лица поради поседување марихуана. Сето тоа го поставува прашањето дали омиленото излетничко место на, особено млади, скопјани станува истовремено и централно место за дилерите на дроги во градот.

Приведени затоа што го прекршиле Законот за оружје

Триесет и четиригодишниот В.К. бил уапсен, затоа што полициски службеници кај него пронашле нож на расклопување. Приведен е поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. На улицата Ѓуро Ѓоновиќ при извршен преглед кај Р.О. (22) од Скопје, полицијата пронашла нож. И тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје.

Едно лице потешко повредено во сообраќајка во Скопје

Во Скопје на улицата Благоја Стефковски се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „БМВ 530“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ф.В. (27) од Скопје и патничко моторно возило „киа“ со скопски регистарски ознаки управувано од Д.Ѓ.(58) од Скопје. Во незгодата Д.Ѓ. добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.

Паднал од мотор на улица во Битола

На крстосницата од улиците 8 Септември и 7 Јули во Битола, Б.Б. (54) од Битола управувајќи мопед „драгон“ со битолски регистарски ознаки паднал на коловозот. Во незгодата мотоциклистот добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Клиничката болница во Битола за укажување лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР-Битола.

Сообраќајна полиција на терен

На подрачјето на Секторот за внатрешни работи во Скопје се санкционирани две возила бидејќи биле технички неисправни, четири возила биле нерегистрирани, тројца возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило, и 25 возила се подигнати со „пајак“