Се казнуваат возачите и во карантин

Во текот на споениот карантински викенд, од четвртокот, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи – Скопје се санкционирани три возила, бидејќи биле нерегистрирани, тројца возачи затоа што управувале возила без да имаат дозвола, еден возач бидејќи поминал на црвено светло, а 33 возила се подигнати со „пајак“.

Пронајден гасен пиштол кај момче во Скопје

За време на забраната за движење, полициски службеници од СВР-Скопје на улицата Никола Карев, при извршен преглед кај Б.Р. (20) од Скопје пронашле еден гасен пиштол, една рамка со пет куршуми и една чанта со 21 куршум.

Кај две лица од Гостивар пронајден кокаин

Во гостиварско Чајле, полициски службеници на СВР-Tетово, од Одделението за внатрешни работи-Гостивар, ги лишиле од слобода Б.Ф. (41) и И.М. (30), двајцата од Гостивар, затоа што при преглед кај нив бил пронајден кокаин. Двајцата се задржани во полициската станица во Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот.

Нелегално ловеле риба во Охридско Езеро

Во заедничка акција на полициски службеници од полициската станица за граничен надзор „Охридско eзеро“ и службени лица од Државниот инспекторат за земјоделство, при контрола во водите на Охридско Езеро, наспроти селото Калиште, Струшко, на околу еден километар од брегот пронашле повеќе рибарски мрежи со улов од риба, кои ги зеле за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Пронајдени девет мигранти кај Демир Капија

На паркинг од угостителски објект на магистралниот пат Гевгелија – Демир Капија, во патничко возило „фолксваген пасат“, со кавадаречки регистарски ознаки, биле пронајдени девет лица мигранти од Пакистан, Бангладеш и Сирија. За настанот е известен јавен обвинител. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од полициската станица во Валандово.

Сообраќајна незгода во Скопје

На улицата Фуштанска во Скопје се случила сообраќајна незгода во која мотоцикл „хонда ЦРФ“, без регистарски ознаки, управуван од А.С. (25) од Скопје удрил во патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски ознаки, кое било паркирано од М.П. (35) од Скопје. Во незгодата, мотоциклистот добил тешки телесни повреди, констатирани во градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде што бил пренесен за укажување лекарска помош.