Тешка сообраќајка на патот Штип – Делчево

Вчераутро некаде пред 6 часот се случи тешка сообраќајна несреќа на Магистралниот пат Штип – Делчево, во која учествуваа три патнички моторни возила. Дежурен полицаец ја информирал територијалната противпожарна единица од Кочани, која веднаш интервенирала. Според првите информации, повредени се десет лица од кои едно добило повеќе скршеници и било приклештено во возилото поради што од противпожарната единица морале да го сечат лимот за да биде извлечено лицето. По успешното извлекување лицето со возило на брза помош било пренесено во Општата болница – Кочани. Се испитуваат причините за несреќата.

Настрада моторџија на Водно

На патот за Средно Водно во Скопје патничко моторно возило „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки управувано од Наср Д.А. (29) од Скопје удрило во мотоцикл „априлија“ со германски национални ознаки управуван од М.Џ. (27) од Скопје. По незгодата М.Џ. со возило на итна медицинска помош бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што од доктор му биле констатирани тешки телесни повреди.

Пронајдена прашкеста материја во Грчец

Во селото Грчец, Скопско, полициски службеници од СВР-Скопје, за време на забраната за движење, го лишиле од слобода Ј.Р. (28) од Грчец бидејќи кај него била пронајдена прашкеста материја.

Возеле во пијана состојба

Во текот на изминатите денови од 22 до 25 мај, на подрачјето на Секторот за
внатрешни работи во Скопје е фатен возач со нерегистрирано возило, тројца возачи возеле под дејство на алкохол, 45 возила се подигнати со специјално возило „пајак“ поради непрописно паркирање.

Физичка пресметка помеѓу брачни парови во Велес

Во секторот за внатрешни работи во Велес било пријавено дека на улицата Јордан Џурнов, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу А.М. (45) и неговата сопруга Е.Ј.(42) од една страна и С.К.(36) и неговата сопруга А.К. (34) од друга страна, сите од Велес. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.