Пронајдени марихуана и прашкеста материја

За време на забраната за движење, полициски службеници од СВР-Скопје на улицата Св. Кирил и Методиј го уапсиле Д.А. (26) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена прашкеста материја.
Во Градскиот парк, пак, полицијата го уапсила Д.М.М. (35) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана.

Тешка сообраќајна несреќа помеѓу товарен воз и автомобил

На железничка пруга Градско – Велес, на околу два километри пред влезот во Велес, се случила железничка незгода помеѓу товарен воз, кој сообраќал на релацијата Гевгелија – Скопје и патничко возило „рено“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Д. (22) од Куманово, кое претходно излетало од патот и паднало на пругата. По незгодата, возачот Б.Д. и сопатниците А.К.(25), С.К.(21) и тримесечно бебе, сите од Неготино и Ш.М.(27) од Куманово биле пренесени во Медицински центар во Велес, при што кај возачот Б.Д. и кај бебето биле констатирани тешки телесни повреди, додека кај преостанатите сопатници се констатирани полесни повреди. Во периодот од 19.5 до 23.40 часот, за време на вршење на увидот, железничкиот сообраќај бил во прекин.

Со мотор паднал на улица во Струмица

Во Струмица, на улицата Крушевска Република, се случила сообраќајна незгода во која М.Т. (28) од Струмица, управувајќи мотоцикл „хонда“, со бугарски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. По незгодата, М.Т. и сопатникот Ј.Д. (28) од Струмица биле префрлени во медицински центар, каде што на Ј.Д. му биле констатирани тешки телесни повреди, а на М.Т. полесни.

Пронајдена рачна бомба во нива во Лисец

Во селото Лисец, Тетовско, додека Б.Ј. (30) ја обработувал земјата пронашол една кородирана рачна бомба, без ознаки. Од страна на стручно лице од Дирекцијата за заштита и спасување во Тетово експлозивната направа била подигната за понатамошна постапка.

Пронашол изгубено лице во својот двор

Во Секторот за внатрешни работи во Скопје, К.Н. пријавил дека во дворот од неговата куќа на улицата Тодор Александров во Скопје го пронашол Д.Ф. (83) од Скопје, за кој истиот ден било пријавено дека се оддалечил од домот.