Прешевци украле 55 илјади евра во Тетово

Секторот за внатрешни работи од Тетово поднесе кривична пријава против И.М. (47) од селото Норча, Општина Прешево во Србија, и уште против две непознати лица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На седми јануари, пријавениот и уште две непознати лица влегле во туристичка агенција во Тетово, а едното од нив со закана со пиштол, од вработениот А.З. (29) одзело чанта со пари во вредност од околу 55.000 евра и примероци од продадени автобуски карти.

Сообраќајна незгода кај Ќафасан

На магистралниот пат село Подмоље – Ќафасан се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, управувано од Е.Ц. (21) и патничко возило БМВ, управувано од Ф.Б.(32), и двете со струшки регистарски ознаки. Во незгодата, тешки телесни повреди добила сопатничка од возилото БМВ, Ф.Б. (49), а телесни повреди добил другиот сопатник од истото возило И.Б .(53), по што биле пренесени во Медицинскиот центар во Струга за укажување лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица во Струга.

Уапсен поради прекршување на Законот за оружје

Полициски службеници од СВР-Скопје на подрачјето на Бит-пазар, при извршен преглед кај Е.А. (31) од Скопје, пронашле нож на расклопување и радиостаница. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот, против него ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Се самоповредил со пиштол

Во Клиничката болница во Тетово бил донесен повреден Б.Ј. (26) од селото Буковиќ, Скопско, кој според пријавеното, се самоповредил во пределот на ногата со пиштол што го поседувал без дозвола. Се работи на расчистување на случајот.

Касната од куче скитник во Аеродром

Во Полициската станица во Аеродром, скопјанка со иницијали С.К. (44) пријавила дека на булеварот АСНОМ била касната од куче скитник во пределот на левата нога.

Пожар во семејна куќа во Велешта

Во Полициско одделение во Велешта, Е.К. (63) од селото Велешта, Струшко, пријавил дека настанал пожар во неговата куќа во селото Велешта, при што бил опожарен дел од покривната конструкција на куќата. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициска станица во Струга.