Контрола на улиците во Битола

Полициски службеници од СВР-Битола извршиле контрола на возила и возачи за брзина, алкохол, техничка неисправност, поседување возачка дозвола. Притоа, било констатирано дека четири возачи управувале возило со брзина поголема од дозволената, на мобилен телефон разговарале двајца, нерегистрирани биле седум возила, а возачка дозвола не поседувале шест возачи.

Повеќемина скопјани уапсени поради марихуана

Полициски службеници од СВР-Скопје го лишиле од слобода Г.Б. (24) од Скопје, затоа што при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и прашкеста материја. На улицата Натанаил Кучевишки, полициски службеници го лишиле од слобода С.И. (30) од Скопје. Марихуана била пронајдена и кај Ж.Ј. (20) на улицата Полог. На подрачјето на Бит-пазар го лишиле од слобода А.М. (34) од Скопје. Во Ѓорче Петров од слобода е лишен А.К. (26), а на улицата Тодор Александров З.Н. (31).
Против сите нив ќе биде поднесена соодветна пријава по документирање на случаите.

Фатени мигранти кај Муртино

На локалниот пат село Банско – село Муртино, Струмичко, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи – Исток забележале комбе „форд“, со штипски регистарски ознаки, кое влегло во селото Муртино. Набргу потоа, возачот го напуштил возилото и побегнал, а во возилото биле пронајдени 25 мигранти, од кои 14 од Авганистан, седум од Пакистан и четири од Иран. За настанот бил известен јавен обвинител и бил извршен увид од екипа од СВР-Струмица. Мигрантите биле задржани во СВР-Струмица за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Касната од куче скитник

Во Полициската станица во Ѓорче Петров, Т.Р. (25) од Скопје пријавила дека на улицата Алексо Демниевски била касната од куче скитник во пределот на левата нога.

Во Кавадарци се повредил на работно место

Во Полициската станица во Кавадарци било пријавено дека П.Н. (23) од Кавадарци, при извршување работни задачи во фабрика во Кавадарци, паднал и се повредил. Тој бил пренесен во болницата во Кавадарци за укажување лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица.