Пронајдена марихуана во Струшко и во Скопје

По претходно добиени оперативни сознанија дека лице од Р.Албанија во атарот на селото Фериште, Струшко, во шумата има скриено марихуана, полициски службеници извршиле преглед на теренот и на наведеното место во дупка покриена со гранки била пронајдена ќеса со околу еден килограм марихуана.
Полициски службеници од СВР-Скопје на улицата Јорданка Бела го лишиле од слобода А.Е. (36) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена прашкеста материја.
На булеварот Никола Карев, полициски службеници го лишиле од слобода Б.М. (23) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. На улицата Никола Русински ги лишиле од слобода З.Н. (29) и М.Б. (29), двајцата од Скопје, затоа што при извршен преглед кај нив била пронајдена прашкеста материја. Прашкеста материја и марихуана биле пронајдени и кај И.М. (29) на улицата Бранислав Нушиќ, кого го лишиле од слобода.

Уапсен поради фалсификување исправа

На граничниот премин меѓународен aеродром Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа, од слобода бил лишен X.J. (41) од Косово. За патување тој приложил македонска патна исправа на име на лице од селото Арачиново, Скопско, додека при личен преглед и преглед на неговиот багаж била пронајдена косовската патна исправа. Х.Ј. му бил предаден на инспектор од регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.

Велосипедист прегазен со автомобил

На булеварот Србија во Скопје се случила сообраќајна незгода во која учествувале возило „фиат панда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Ј. (36) од Скопје, и велосипед управуван од В.С. (70) од Скопје. Во незгодата тешки телесни повреди добила В.С. и била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.
На улицата Васко Карангелевски во Скопје, патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Р. (67) од Скопје, удрило во пешакот Љ.Д. (62) од Скопје. Во незгодата, Љ.Д. добила тешки телесни повреди и била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.

Возило излетало од патот за Пробиштип

На регионалниот пат од селото Крупиште кон Пробиштип, во близината на селото Неокази, пробиштипско, М.А. (69) од Пробиштип, управувајќи патничко возило „опел корса“ со штипски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот. Во незгодата, М.А. добил тешки телесни повреди и бил пренесен во јавната здравствена установа во Пробиштип за укажување лекарска помош.

Каснати од куче скитник во Кисела Вода

Во полициската станица во Кисела Вода, Ј.Д. (58) од Скопје пријавила дека на улицата 1511 била касната од куче скитник во пределот на десната нога.
А во полициската станица во Ѓорче Петров, В.Н. (68) од Скопје пријавил дека на улицата Лука Геров бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога и левата рака.