Пронајдена марихуана кај повеќе лица

Полициски службеници од СВР-Скопје на паркинг на Средно Водно го лишиле од слобода К.Н. (22) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. За истото дело на улицата Македонија полицијата го уапсила Ф.Ц. (20) од Скопје. И дваесет и четиригодишниот Д.Н. од Скопје бил уапсен, а на булеварот Илинден го лишиле од слобода Б.А. (30) од Скопје.

Шишевец пукал во полицајци

На булеварот Филип Втори Македонски во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција го лишиле од слобода Е.Ш. (31) од с. Шишево, Скопско, кој се барал по потерница од Основното јавно обвинителство за сторени кривични дела. Е.К. бил забележан на булеварот и кога му бил даден знак за застанување, тој извадил пиштол и го вперил во полициските службеници, по што тие испукале два предупредувачки истрели во воздух, а набргу потоа тој бил фатен и приведен во полициската станица во Бит-пазар за понатамошна постапка.

Уапсен затоа што одзел моторно возило

Полициски службеници од полициската станица во Радовиш го лишиле од слобода Е.Б. (18) од Радовиш, кој бил затекнат при вршење кривично дело „одземање моторно возило“. Е.Б. бил задржан во полициската станица во Радовиш, а за настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Радовиш.

Прегазен пешак

На улицата Кирил и Методиј во Скопје, патничко моторно возило „ауди А-3“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.К. (44) од Скопје, удрило во пешакот М.И. (74) од Кратово. Во незгодата пешакот добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во „Мајка Тереза“, за укажување лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР-Скопје.

Возило излетало од пат

На регионалниот пат с. Групчин – Тетово, по надвозникот за селото Добарце, патничко моторно возило „опел корса“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.М. (22) од с.Чифлик, излетало од патот и удрило во дрво и сообраќаен знак. Во незгодата тешки телесни повреди добила А.М., по што била пренесена во Клиничката болница-Тетово, за укажување лекарска помош.

Скопјани каснати од кучиња

Во полициската станица во Аеродром, Б.Н. (49) од Скопје пријавила дека на улицата Архитект Сотимир Томовски била касната од куче скитник во пределот на левата потколеница. Во полициската станица во Карпош, пак, П.Т. (68) од Скопје пријавил дека на улицата Иван Цанкар бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.