Фото: Маја Јаневска-Илиева

КРИМИНАЛНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ СО СЀ ПОИНВЕНТИВНИ НАЧИНИ ЗА ШВЕРЦУВАЊЕ ДРОГА

Една криминална организација користела сложен хемиски процес за да ја камуфлира дрогата во јагленот. Таа иста постапка се користи и во мексиканските картели, кои, всушност, биле мозокот на целата операција.
Исклучително е тешко да се детектира дрогата во вакви случаи, затоа што и формата и бојата и мирисот се идентични како и на јагленот. Дополнителен проблем е тоа што таа нема мирис, јагленот целосно го елиминира, па доста е тешко истата таа да се открие, се вели во соопштението од шпанската полиција

Шверцот со дрога е еден од најголемите црни бизниси на криминалните организации, но и на поединците што сакаат со малку труд од темната страна на законот да заработат повеќе финансиски средства. Полицијата постојано ги открива многубројните начини за шверц на дрога, меѓутоа криминалците се неуморни во изнаоѓањето други начини за да можат незабележано да тргуваат со дрогата.
Низ минатото има голем број инвентивни начини за шверц на дрога низ земјите. Од користење мали деца, па сѐ до ставање дрога во чевли, нејзино проголтување, криење во делови од возила, во разни кутии од козметички средства, па сѐ до нејзино шверцување во храна, брашно и разни други начини.

ВО ЈАГЛЕН СКРИЕНИ 862 КИЛОГРАМИ КОКАИН

Неодамна шпанската полиција успешно откри уште еден инвентивен начин за шверц на дрога. Полицијата лиши од слобода група од три лица што биле дел од синџир за шверцување кокаин, кои дрогата ја маскирале во јаглен. Јагленот го користеле за кучињата трагачи да не можат да ја намирисаат дрогата, со цел истата таа да пристигне до крајната дестинација.
Шпанската полиција, заедно со португалската полиција, започнала истрага уште на почетокот на 2020 година, откако забележала дека една трговска компанија извршува сомнителен увоз на стока, која не се совпаѓа со работниот делокруг во кој компанијата работи, односно, не се занимавала со операциите што службено биле наведени дека се дел од нејзиното работење.

Трагата ја одвела полицијата до познат трговец со дрога, кој бил 11 месеци во затвор во Боливија. Со понатамошната истрага, португалските власти дошле до пристаништето каде што бил јагленот, кој по тестирањето покажал присуство на кокаин.
– Криминалната организација користела сложен хемиски процес за да ја камуфлира дрогата во јагленот. Таа иста постапка се користи и во мексиканските картели, кои, всушност, биле мозокот на целата операција. Исклучително е тешко да се детектира дрогата во вакви случаи, затоа што и формата и бојата и мирисот се идентични како и на јагленот. Дополнителен проблем е тоа што таа нема мирис, јагленот целосно го елиминира, па доста е тешко истата таа да се открие – се вели во соопштението од шпанската полиција.

Полицајците откриле дека 30 вреќи кокаин биле ставени помеѓу 1.364 вреќи јаглен за да ја отежнат истрагата.
Дури педесет шпански и португалски полициски службеници ги следеле двата контејнера додека со камиони ги превезувале од Португалија во северот на Шпанија, каде што кокаинот требало да биде одвоен од јагленот во лабораториски услови. Штом камионите стигнале во базата, полицијата почнала со рацијата, во која уапсила три лица и запленила дури 862 килограми кокаин.

ИНВЕНТИВНО – НЕИНВЕНТИВНО,
ВО ЗЕМЈАВА СЕПАК СЕ ШВЕРЦУВААТ НАРКОТИЦИ

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во земјава, вакви инвентивни начини за шверц на дрога не се забележани. Според информациите од дневните билтени на Министерството за внатрешни работи, македонските наркобосови најчесто ја носат дрогата со себе или, пак, ја чуваат во своите домови. Инвентивни и креативни начини за нејзино носење и пренесување не се забележани.

Сепак, регистриран е случај од декември минатата година кога полицијата реализира поголема акција, во која беше откриено поголемо количество дрога.
– На 21.12.2020 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, по претходна судска наредба, извршија претрес во дом и други простории на Е.М. (27) од Синѓелиќ, Скопје, за кој имало сознанија дека се занимава со купопродажба на хероин и кокаин на подрачјето на Скопје и во градови во источниот дел од државата. При претресот, во специјално направени бункери се пронајдени околу четири и пол килограми хероин, спакувани во повеќе пакувања со различна големина и околу еден килограм кокаин, исто така распределен во повеќе пакувања, наменети за продажба. При претресот се пронајдени и пиштол „магнум 357“, пиштол „ХС“ и пакувања со околу 200 куршуми. Е.М. е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство. Министерството за внатрешни работи продолжува и во наредниот период со континуирани активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и на другите видови криминал – беше наведено во соопштението од МВР.

На почетокот на месецов, пак, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при Одделението за криминалистичка полиција при СВР-Битола го лишиле од слобода Д.Д. (35) од Битола, затоа што при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени повеќе пакувања со кокаин, дигитална вага, поголемо количество пари (денари и евра), две патнички возила, три патрони за пушка и делови од пиштол. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полицијата во периодот од јануари до мај, успешно запленила дури еден тон, 12 килограми и 613 грама марихуана, осум килограми и 808 грама хашиш и 4.469,5 милилитри хашиш масло, 290,99 грама хероин, 143,15 грама кокаин, 574,1 грам амфетамин, 59,14 грама екстази, 1.816 синтетички таблети (1.382 екстази и 434 амфетамин), 71 парче ЛСД, 21 таблета бупренорфин.