Во еден ден фатени 18 лица како возат пред да положат Фото: Игор Бансколиев

Со малку искуство и голема увереност дека можат, а притоа сѐ уште не се стекнале со право на управување моторно возило, многумина се решаваат да влезат во автомобил и да управуваат со него. Се решаваат на многу ризичен чекор, а без притоа да размислат за последиците што може да настанат, бидејќи несреќите демнат на патиштата. Жртви има постојано, гинат и млади и стари, згаснуваат човечки животи. И покрај сознанијата дека се случуваат несреќи, многумина се решаваат да возат без претходно да ја стават возачката в џеб. Само во четвртокот полицијата затекнала и казнила 18 возачи, затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување. За жал, по скопските сообраќајници постојано се вози и со преголема брзина, а истиот ден вработените од Секторот за внатрешни работи – Скопје затекнале 76 возачи што управувале возила со брзина поголема од дозволената. Бројкиве се однесуваат само на оние што полицијата успеала да ги открие, а колкумина се оние што не биле фатени, може само да се претпостави. Полициските службеници од сообраќај исклучиле вкупно 24 возачи, и тоа шест затоа што управувале возило под дејство на алкохол и 18 што управувале возила без да се стекнат со право за управување. Исто така, исклучени од сообраќај биле 15 возила што не биле регистрирани.

– Санкционирани се шест возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, тројца поради недавање првенство на минување на пешаци, а еден возач поради неправилно престигнување. Казна добија и седум возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, како и 13 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување моторно возило и 14 возачи поради користење мобилен телефон при управување возило. Во текот на изминатите денови се издадени 76 мандатни платни налози, а 63 возила се подигнати со специјално возило „пајак“ – се вели во полицискиот билтен, во кој е евидентирано и дека се случиле шест сообраќајни незгоди, во кои три лица добиле телесни повреди.