Голем е бројот на оние што го прекршиле законот и бегаат од раката на правдата, како во земјава така и во странство. Поради последново, односно засолнувањето во странство, постои кривичен институт наречен меѓународна потерница. Македонија е членка на Интерпол уште од Генералното собрание одржано во Аруба, во 1993 година. Во согласност со членот 32 од Уставот на Интерпол е воспоставен и НЦБ Интерпол Скопје…

Дури 33 криминалци од странство уапсени во земјава по барање на Интерпол

Криминалистиката учи дека совршено криминално дело не постои, исто како што нема и совршено бегство од правдата. Да се бега од правдата, колку и да изгледа можно и остварливо, сепак, е бегство од законот, но не е никако бегство од совеста и од сопствениот внатрешен немир за стореното недело. Голем е бројот на оние што го прекршиле законот и бегаат од раката на правдата, како во земјава така и во странство. Поради последново, односно засолнувањето во странство, постои кривичен институт наречен меѓународна потерница.

ВО ЗЕМЈАВА УАПСЕНИ 33 СТРАНЦИ ПО ИЗДАДЕНА МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА

Се чини дека Македонија е доста атрактивна земја за извршителите на криминални дела, ако се земе предвид секојдневната статистика од Министерството за внатрешни работи. Најголем е бројот на уапсени на граничните премини и на аеродромот во Скопје.
Секојдневните билтени што ги објавува МВР покажуваат дека речиси нема ден полицијата да не уапси странец по кој Интерпол има издадено потерница. Независно дали земјава се користи само како транзит кон другите земји или, пак, како постојано место за живеење, факт е дека е голема бројката на уапсени странски лица за кои била издадена потерница.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на изминатите десет месеци, од јануари до септември, биле уапсени дури 33 странски државјани.
– Во текот на изминативе девет месеци од тековната 2021 година, по распишани меѓународни потерници од Азербејџан, Албанија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Косово, Луксембург, Романија, Србија, Турција, Франција, Унгарија и Швајцарија, во нашата земја од слобода биле лишени вкупно 33 странски државјани, од кои 15 албански, по шест косовски и српски државјани, двајца турски државјани и по еден азербејџански, германски, бугарски и италијански државјанин – информираат од Министерството за внатрешни работи.

МАКЕДОНИЈА ЧЛЕНКА НА ИНТЕРПОЛ УШТЕ ОД 1993 ГОДИНА

Македонија е членка на Интерпол уште од Генералното собрание одржано во Аруба, во 1993 година. Во согласност со членот 32 од Уставот на Интерпол е воспоставен и НЦБ Интерпол Скопје.
НЦБ Интерпол Скопје активно партиципира во хранењето на глобалните бази на податоци со информации за лица, возила, документи, уметнички предмети итн.
Во рамките на одделението, работат полициски службеници по линии на криминал, и тоа: потраги по моторни возила, недозволена трговија со дрога и оружје, недозволена трговија со луѓе и шверцување мигранти, финансиски криминал, компјутерски криминал, насилен криминал и тероризам, како и идентификација на лица и проверка на документи.
Канцелариите во Скопје и во другите земји, всушност, се суштината на функционирањето на Интерпол, бидејќи најпластично кажано, тие се одговорни за набавување информации потребни за одредени полициски акции и истраги, со што ги дополнуваат датабазите на Интерпол, кои ги користат сите земји-членки.

СИТЕ БОИ НА ПОТЕРНИЦИТЕ

На интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи има објавено повеќе од дваесетина меѓународни потерници за македонски државјани. Измама, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, злосторничко здружување фалсификување огнено оружје, тешка телесна повреда, овозможување употреба на наркотични дроги, обљуба врз немоќно лице, засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, полов напад врз дете, убиство, се само дел од кривичните дела што лицата ги извршиле и за чие пронаоѓање се бара помош од Интерпол.
Меѓу нив е и Алил Демири од Скопје, кој се бара врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје I, за сторено кривично дело „тероризам“, предвидено по членот 394 од Кривичниот закон на Република Македонија, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смиљковско Езеро. Нему му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
Интерпол, пак, објавува неколку вида објави: известувања-потерници,во црвена, сина, зелена, жолта, црна, портокалова, виолетова и светлосина боја.
Црвената потерница е за побарување локации и апсење лице што е барано со судска наредба или од меѓународен суд за екстрадиција на лицето.
Сината потерница или известување е за лоцирање, идентификување или пронаоѓање информации за лице од значење во кривична истрага.
Зелената потерница е за предупредување за криминални активности на лице, ако тоа лице се смета за можна закана за јавната сигурност.
Жолтото известување е за лоцирање исчезнати личности или идентификување лица што не можат сами да се идентификуваат.
Црната потерница е за барање информации за неидентификувани тела.
Портокаловата потерница или известување е за предупредување за случување, личност, објект или процес што претставува непосредна опасност за личности или за нечија сопственост.
Виолетовото известување е за давање информации за модус операнди, процедури, објекти, уреди или места за криење што ги користат криминалците.
Светлосиното известување известување е да ги извести членките на Интерпол дека одредено лице или ентитет е предмет на санкции на Обединетите нации.

[email protected]