Во однос на криминалот со хероин, во овој извештај речиси нема ништо ново / Фото: Игор Бансколиев

Во најновиот извештај на Европол, Македонија и македонските државјани се спомнати во делот на шверцувањето хероин и цигари во земјите од ЕУ. Според професор д-р Богданчо Гогов, цигарите што се легално произведени во Македонија, Белорусија, Бугарија, Молдавија, Русија и други земји, криминалните групи нелегално ги внесуваат во земјите на ЕУ, без да плаќаат акцизи и други давачки, остварувајќи огромни профити. А тоа значи дека во наведените земји затаиле надлежните институции за контрола на производството и трговијата со тутунски производи и укажува на поврзаност меѓу производителите на цигари и криминалните групи

Според извештајот на Европол за 2021 година, пандемијата создала идеални услови
за зголемување на организираниот криминал низ цела Европа

Најновиот извештај на Европол за 2021 година излезе со податоци за сите актуелни криминални трендови во Европа и со анализа што може да очекуваме во иднина од криминалитетот. Според европската полиција, пандемијата создала идеални услови за зголемување на организираниот криминал низ цела Европа и истовремено направила услови во кои криминалците многу побрзо се адаптирале на животот во пандемијата отколку државите. Извештајот како битни криминални трендови ги наведува сајбер-криминалот, илегалната трговија со дроги, измамите и така натаму, но како најголеми закани за граѓаните од Европската Унија во рамките на организираниот криминал се спомнуваат активностите во трговијата со дрога, луѓе и емигранти, како и онлајн измамите.
Во делот за нашата држава се информира дека во пораст бил шверцот на цигари, дрога… За регионот и криминалитетот има повеќе информации, од кои една од поинтересните е дека над 50 отсто од криминалните дела биле извршени од лица што не се дел од земјите во ЕУ и тие потекнувале токму од Балканот. Криминолози од земјава велат дека годишните извештаи на Европол за состојбите со сериозниот и организиран криминал во земјите-членки на ЕУ се наменети за јавноста, а особено за креаторите на политиките и политичарите, за да им укажат на промените во криминалните активности, за поврзаноста меѓу тероризмот и организираниот криминал, да ги нагласат опасностите поврзани со глобализацијата, како и брзото ширење на криминалот со користење на дигиталните технологии.
Во овој извештај, како и во претходните, Македонија и македонските државјани се спомнати до делот на шверцувањето цигари и хероин во земјите од Европската Унија. Цигарите што се легално произведени во Македонија, Белорусија, Бугарија, Молдавија, Русија и други земји, криминалните групи нелегално ги внесуваат во земјите на ЕУ, без да плаќаат акцизи и други давачки, остварувајќи огромни профити.

Ова укажува на два важни момента: дека во наведените земји затаиле надлежните институции за контрола на производството и трговијата со тутунски производи и дека постои поврзаност меѓу производителите на цигари и криминалните групи. Повеќе години релевантни меѓународни организации (како Светската банка, специјализирани тела на Обединетите нации) укажуваат дека македонски организирани криминални групи со различни форми на корупција се инфилтрираат во легални економски субјекти и во голем број јавни институции, вклучувајќи и во царински служби, со што за заштитени од кривично гонење. Инаку, во јавните документи на Европол и Интерпол е истакната врската помеѓу српските, бугарските, македонските и турските криминални групи во криминалот со цигари, како и со криминални групи во Грција, кога грчките пристаништа се почетна точка за шверцување цигари во Европа – вели професор д-р Богданчо Гогов од Факултетот за безбедност во Скопје.
Според него, на нелегалната трговија со цигари во овие земји влијаат неколку фактори. Несоодветни законски решенија, неефикасни системи за лиценцирање на економските субјекти, затајување на контролата во сите фази на производство и трговија, како и социоекономски состојби: сиромаштија, висока невработеност, високо ниво на сива економија и широкораспространета корупција, каде што Македонија е можеби во најлоша состојба.

Во однос на криминалот со хероин, во овој извештај речиси нема ништо ново. Балканскиот пат или, како што се нарекува, балканската маршрута сè уште е клучен коридор за влез на хероинот во земјите од ЕУ. Тој се дели на три крака, а Македонија се наоѓа на централниот крак, кој поминува низ Бугарија, Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија и завршува во Италија или Австрија Треба да се напомене дека е многу мала стапката на заплена на хероин во делот од балканската маршрута што поминува низ Европа, во однос на големите количества хероин запленети во Иран и Турција. Ова сугерира дека трговијата со хероин низ Балканот е добро организирана. Вообичаен метод на транспорт на хероин на балканската маршрута е со камиони, автобуси и автомобили. По балканскиот пат во обратна насока се одвива шверцувањето на оцетниот анхидрид, кој е главната супстанција што се користи во производството на хероинот. Очекувано, голем број лица што се откриени и фатени при илегална трговија со хероин во земјите на ЕУ се државјани на зeмјите од Западен Балкан – вели професорот Гогов.
Тој смета дека во сите случаи кога се работи за македонски државјани надлежните институции во нашата земја се деталнo информирани и од нив се бара соработка за целосно расчистување и кривично процесирање на сторителите. Каков е одговорот на македонските институции во ваквиот вид извештаи нема, но тоа може да се прочита во Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот во реформите во нашата земја, во делот на владеење на правото и правдата и внатрешните работи.
Интересно е да се напомене дека во последните години балканските мрежи на организиран криминал сериозно навлегуваат во светската трговија со кокаин.

Овие групите главно се составени од државјани на земји од Западен Балкан, кои соработуваат без оглед на националноста (ги нарекуваат „балкански картел“), а нивните активности доминантно се одвиваат во Шпанија, Холандија, Германија и во Австрија. Имаат развиено неколку дистрибутивни мрежи од различни извори на снабдување во Јужна Америка, како што се Колумбија, Доминиканска Република и Еквадор. Овие криминални групи со корупција се инфилтрирани во клучните европски меѓународни пристаништа и користат претежно контејнери на пловни објекти. За крај, јасно е дека овие криминални активности носат големи профити на годишно ниво, поголеми од националните буџети на земјите од Западен Балкан. Реинвестирањето на криминалниот профит во економиите на овие земји има и сѐ повеќе ќе има влијание на нивниот севкупен развој-смета професор д-р Богданчо Гогов.