Активистот Филип Достовски, кој произведува масло од канабис, доби условна пресуда, рече неговиот адвокат Сашко Дуковски по судењето.

Адвокатот посочи дека Достовски не го сторил делото и затоа не се задоволни од одлуката на судот и истата ќе ја обжалат до повисоките судови, но и пред судот за човекови права во Стразбур.

– Апсолутно бев сигурен дека судот, согласно судската пракса која ја има,  нема да собере храброст за обвинетиот да го ослободи од обвинение иако нема ни ‘д’ од доказ дека наводната неовластено производство било за некој друг. Никому во оваа држава не му е забрането да произведува  што било за свои лични потреби. На крајот од денот, ако тој се самоубие, дали ќе одговара за кривично дело убиство? Нема. По истиот начин на размислување, производството при немање на недозволен обид, значи тој нема недозволен обид некому да го даде тоа што го произведува. Притоа, болен е од Хочкинова болест, која е вид на карциногена болест. Тој има полно право да произведува. Единствена пресуда која можеше да се донесе е да се ослободи од обвинение. Доби условна осуда, од која не сме ниту еден милиметар задоволни. Обвинителството не докажа дека тој произведувал за друг – вели Дуковски.

Активистот Достовски рече дека условната казна значи дека тој утре треба да оди во затвор, бидејќи тој ќе продолжи да биде корисник на марихуана.

– Осуден сум условно иако објаснив дека јас сум корисник на марихуана. Во аптеките нема ништо што мене ми одговара, така што морам сам да си го направам. Условна осуда значи дека јас нема да лежам во затвор, а од друга страна, пак, ме осудуваат како криминалец. Ова можеби е невкусно, ама јас ќе им го повторам делото. Оваа пресуда значи дека јас утре ќе треба да одам во затвор. Тие денес ме пуштаат, но знаат дека делото утре ќе го повторам, задутре и ден по тоа. Не само јас, туку и илјадници луѓе во државава. Така што, еве го повторив делото, ги чекам дома да ме земат – рече Достовски, пушејќи марихуана.