Армијата на Македонија која од самиот почеток на катастрофалните пожари во координација со сите надлежни институции се вклучи во гасењето на пожарите, по денешната одлука за прогласување на кризната состојба во континуитет продолжува безрезервно да се ангажира согласно побарувањата со целиот расположив човечки и материјален потенцијал, велат од Министерството за одбрана.

Во непрекината комуникација и координација со надлежните од регионалните Центри за Управување со Кризи, локалните самоуправи и сите други инволвирани субјекти во справувањето со пожарите се ангажира потребен персонал и средства од речиси сите гарнизони на Армијата.

– На две стотините припадници на Армијата кои беа ангажирани од почетокот на критичните локации на пожарите, во тек на вчерашниот и денешниот ден се приклучија уште стотина колеги, а по потреба и согласно побарувањата ќе се приклучуват и армиски припадници кои непрекинато се наоѓаат во целосна подготвеност за ангажирање – додаваат од армиските служби.

Во овој момент, како што појаснуваат, повеќе од 200 припадници се вклучени во гасење на пожарот во реонот на Делчево и Пехчево, додека останатите се ангажирани во реоните на Валандово, Старо Нагоричане и Плетвар. При ангажирањето кое припадниците го извршуваат крајно професионално, храбро и пожртвувано се почитуваат сите процедури и мерки за безбедност и лична заштита кои се пропишани согласно противпожарната обука која сите припадници ја поминуваат како дел од редовната обука.

Според информации од АРМ, хеликоптерите МИ-8/17 од составот на воздухопловниот ВИНГ максимално ги користат расположивите ресурси кои ги овозможуваат техничките можности на леталата и стриктните летачки безбедносни процедури, при што во досегашниот период имаат направено повеќе од 100 лета и исфрлено повеќе од 200 тони вода на локациите на кои се побаруваше од Центарот за Управување со Кризи како надлежен за координација на активностите.

АРМ согласно својата мисија и задачи останува максимално подготвена во извршувањето на својата Уставна обврска и задачи од мисијата која вклучува и нејзино ангажирање во помош на граѓаните и институциите при справување со елементарни непогоди секогаш кога било потребно, стои во писменото соопштение од Министерството за одбрана.