Апелацискиот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими и ја укина првостепената пресуда, постапувајќи по кривичниот предмет „Титаник 3″.

– По одржана седница на 12 јули, донесено е решение кое ги уважи жалбите на обвинетите И.Г. од С. и Е.А. од С., изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување – стои во денешното соопштение од Апелацискиот суд Скопје.

Исмет Гури и Ејуп Алими  беа осудени на по три и пол години затвор на 31 март минатата година за „Титаник 3″ поради уништување на изборен материјал во локалните избори во општина Чаир во 2013 година.

При објавување на пресудата, судијката Марија Клетничка рече дека Гури е виновен бидејќи за време на локалните избори во општина Чаир, во 2013 година, заедно со сведоците Блерим Мухаџери и Ќани Точи ги преправале записниците од гласањето.

Таа додаде дека Алими е виновен зашто преземал противзаконски дејствија за уништување на изборен материјал.