Фото: Игор Бансколиев

Апелациониот суд Скопје ги потврди првостепените пресуди во случајот „Рекет“ со кои поранешната шефица на специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, е осудена на седум, а Бојан Јовановски познат, како Боки 13, на девет години затвор.

Судот соопшти дека ги одбил жалбите на Јовановски, Јанева и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција како неосновани.

Кривичниот суд ги изрече пресудите пред една година.

– Виновни се затоа што во периодот од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски со искористување на своето влијание над Катица Јанева, која е јавен обвинител во СЈО, преку претходни пријателски односи, влијаел да му се одреди поблага мерка куќен притвор, а притворот бил предложен и одобрен, да му се укине мерката претпазливост, да биде заштитен сведок. Во ова учествувал и осудениот Зоран Милески – Кичеец со договарање средби. За посредувањето добиле 1.5 милиони евра – рече тогаш судијката Васка Николовска-Масевска.

Судијката објасни дека Јанева за себе прибавила предмети и пари, со незаконското постапување како прв човек на специјалното јавно обвинителство.

– Катица Јанева го прифатила влијанието од Јовановски и како јавен обвинител ја искористила својата службена положба и ги пречекорила границите на своето овластување. Таа за себе набавила предмети, мебел што за неа го набавил Бојан Јовановски, пари во износ од 50 илјади евра. Бојан Јовановски и Зоран Милески побарале 500.000 евра од Ана Камчева и таа им ги дала парите, а Јанева дала предлог да се укине мерката на Камчев и да му се одреди мерка куќен притвор. Апелациониот суд донел одлука за куќен притвор, а за време на нејзиното одржување, Јовановски и Милески го посетувале во неговиот дом. Катица Јанева била вклучувана на спикерфон, а велела дека обвинителката која го работи случајот ќе постапува како што ќе каже таа – додаде судијката.

На Јовановски му беа ставени на товар две кривични дела, примање награда за противзаконито влијание за кое казната е една до 10 години затвор, а исто толку е и казната за другото дело што му се става на товар, односно перење пари и други приноси од казниво дело. Јанева, пак, Обвинителството ја товари за злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 3 години. Милески беше веднаш осуден на три години затвор за примање награда за противзаконско влијание, по претходно признавање вина.