Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе пристапи кон собирање информации во врска со наводите што се појавија во медиумите, а се однесуваат за набавка на вакцините од кинескиот производител „Синофарм“.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, за Радио Слободна Европа порача дека во оваа ситуација треба да се вклучат и другите органи како Јавното обвинителство.

– Ние се договоривме да собереме доволно информации да ги разгледаме околностите и потоа ќе одлучиме како ќе постапуваме понатаму во зависност од тоа што ќе добиеме како информација – изјави Ивановска за РСЕ.

Италијанскиот весник „Ла Верита“ вчера објави дека Кина ѝ го вратила авансот на Македонија за кинеските вакцини, бидејќи „набавката требало да се одвива преку фантом посредничка фирма, со седиште во Хонг Конг, која немала стабилно темели, но имала големи финансиски депозити во германската „Дојче Банк“. Весникот денеска ги објавува писмата од министерот за здравство Венко Филипче до Синофарм за набавка на вакцините.

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, негираа било какви незаконски дејствија во врска со набавката на вакцината.