Според анализите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб односно судиите и јавните обвинители ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година, соопштија од Комисијата.

Имајќи ја предвид искажаната подготвеност на премиерот, Зоран Заев, за ставање на располагање на сите капацитети на извршната власт за ефикасно спроведување на постапките за испитување на имотната состојба, додаваат од таму, сметаме дека е неопходна координација на сите надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата.

Заев вчера побара Антикорупциска да ги провери имотите на судиите и обвинителите. Преку видео обраќање, тој порача дека судството мора да се прочисти од непрофесионалните и корумпираните.

Законските надлежности на Антикорупциската комисија во делот на следењето на имотната состојба се спроведуваат преку проверка на вистинитоста на податоците внесени во анкетните листови, како и испитување на имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство.

„Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување потребно е зајакнување на постојните човечки и материјално – технички услови и вклучување на други истражни органи“, се наведува во соопштението.

Во делот на следењето на состојбата на судирот на интереси, Државната комисија ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.