Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вечерва информираше за најновата состојба со пожарите во источниот дел на земјава.

Тој вели дека во моментов гори борова шума над беровското село Будинарци, но и дека селото е добро обзебедено.

Ангелов посочи дека среќна околност е што ветрот го сменил правецот, па огнот почнал да се оддалечува од селото.

Директорот на ЦУК најави дека утре хеликоптерите ќе продолжат со гасење на пожарите.

– Пожарот во реонот на Пехчево се префрли и во беровско, моментално гори борова шума над Будинарци. Селото е добро обезбедено со тампон зона и соодветна механизација и опрема. Пред малку ветрот кој дува со променлива јачина, го смени правецот и сега огнот почна да се одалечува од селото.

Покрај локалното население, во обезбедувањето на селото учествуваат и пожарникари со цистерни од локалната самоуправа а во непосредна близина на селото се наоѓаат и 45 австриски пожарникари со 9 цистерни како и дополнителна опрема и луѓе од Национални шуми. Во целиот овој регион се концетрирани уште многу сили, а попладнево дејствуваа и три хелихоптери кои рано наутро ќе продолжат со гаснење на пожарот – напиша Ангелов на Фејсбук.