Јавното претпријатие „Македонски шуми“ ја ублажува забрана за движење во шумите, односно физичките и правни лица кои имаат потреба да се движат во природа, од денес, со однапред добиена дозвола ќе можат да го направат истото, изјави директорот на Центарот за управување  со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција.

Ваквата одлука, според Ангелов, се должи на намалениот број пожари поради врнежите кои ја подобрија состојбата и ја намалија сувоста на вегетацијата.

Од ЦУК информираа и за моментната состојба со пожарите. Активен е пожарот во близина на општина Сарај, над селото Раовиќ и Буковиќ, кој трае веќе 15-тина дена. Утрово на овие две локации дејствуваа два армиски хеликоптера кои се обидуваат да го изгаснат пожарот, но гаснењето тешко се одвива поради самиот терен и вегетацијата која гори. Пожарот, сепак, не претставува опасност за населените места, а штетата не е голема бидејќи се работи за нискостеблести растенија.

Активен е и пожарот над Патишка Река кон „Јасен“, но и овој пожар е под контрола. Активен пожар има и кај струмичко Василево, на тромеѓето меѓу општините Берово, Радовиш и Струмица. Над селото Нивичани горат остатоци од исечени дрвја, но се очекува и овој пожар наскоро да биде ставен под контрола. Реактивиран е и пожарот кај прилепското село Топлице.