Во неколку случаи утврдено е дека пожари се настанати поради искрење помеѓу жици на бандери или далекуводи, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција, додавајќи дека во тек е изработка на барање до ЕВН за да ги проверат нивните системи за дистрибуција на електрична енергија.

Ангелов нагласи дека доволна е само една искра за да предизвика пожар, посочувајќи дека во Кумановскиот Регион вчера имало сведоци кои забележале искрење на жиците.

– Пожарот во Богословец е предизвикан од искрење на жици и имаме очевидец кој кога паднале искрите, веднаш се стрчал кон местото, но едноставно бил немоќен, затоа што пожарот се шири со многу голема брзина поради сувата вегетација и ветришта кои постојано дуват – објасни Ангелов.