Доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно обвинителство, велат од Агенцијата за национална безбедност во врска со случајот со определување притвор за Јордан Камчев.

– АНБ во рамките на своите надлежности согласно член 6, а во врска со член 4 од Законот за АНБ, достави до надлежното Јавно обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на именуваниот во странство, а поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него. Согласно наведените одредби доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно обвинителство – се наведува во соопштението.

Со оглед на тоа што против именуваниот се води истражна постапка, велат од АНБ, надлежното Јавно обвинителство достави предлог за определување мерка притвор, а судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.