Фото: Игор Бансколиев

Рочиштето за предметот „Рекет“ треба да продолжи со сведочењето на Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, денеска во Кривичниот суд. Во предметот се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки 13.

Претходно, Јордан Камчев во сведочењето на 6 декември, истакна дека во повеќе наврати обвинетиот Боки 13 се обидел да го уценува со наместен предмет „Империја“ покренат од СЈО, со цел на нелегален начин да се стекне со поголема сума пари.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милески – Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот, по што предметот за него беше одвоен од оној против Јовановски и Јанева.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милески, во октомври. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Обвинителството отвори нова истрага во рамките на случајот, која се однесува на Меѓународниот сојуз на Јовановски.