Фото: илустрација

Во контекст на растечки тензии во Либија, невладината организација Амнести Интернешнал бара итно да бидат ослободени мигрантите и бегалците кои се наоѓаат во затворени центри во таа земја.

Либија е централно место за мигрантите и бегалците од Африка и земјата преку која тие најчесто се обидуваат да пристигнат до европскиот континент, препливувајќи го Медитеранот. Откако започна воената ескалација на 4 април, хуманитарните организации стравуваат за овие мигранти кои се и онака веќе изложени на лош третман од страна на либиските власти.

-Либиската влада мора веднаш да ги ослободи сите мигранти и бегалци од ужасните затворени центри каде се држат нелегално и каде се соочуваат со ужасни злоставувања и тортура, порача Магдалена Миграби, заменик директор на Амнести за Блискиот Исток и Северна Африка.

Амнести Интернешнал упати остри критики и до владите на земјите членки на ЕУ, кои, според организацијата придонеле во разгорување на кризата со тоа што ги поддржуваат либиските власти во обидите да се спречат мигрантите да го преминат Медитеранот.

-Обновениот конфликт во Триполи покажува уште еднаш колку е клучно за земјите членки на ЕУ да обезбедат сигурни патишта од Либија за мигрантите и бегалците, стои во соопштението на Амнести.

Организацијата бара ЕУ да престане да ја поддржува либиската крајбрежна полиција, која ги враќа задржаните мигранти назад во Либија, што е спротивно на меѓународното и европското право, бидејќи Либија е небезбедна земја.

Според податоците на Амнести Интернешнал околу три илјади мигранти и бегалци се затворени во неколку либиски центри кои се наоѓаат блиску до воените жаришта. Откако се разгори конфликтот околу Триполи, Амнести пресметала дека најмалку деветнаесет лица се фатени и вратени во Либија од страна на полицијата.