Скопското основно јавно обвинителство поведе постапка против 42-годишен државјанин на САД за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.

Како што информираат од МВР, странскиот државјанин утринава бил приведен во полициската станица Кисела Вода поради претходно сторен прекршок против јавниот ред и мир.

Додека влегувал во ходникот на станицата, започнал агресивно да се однесува и да удира со раце и нозе по инвентарот. Кога еден од полициските службеници го предупредил да престане со агресијата, осомничениот се свртел кон него и му задал повеќе удари со тупаница по лицето, нанесувајќи му телесни повреди.

Во тој момент уште двајца полицајци се обиделе да го совладаат, но осомничениот и нив започнал да ги удира со тупаници, нанесувајќи им повреди.

По извесно време, полициските службеници успеале да го совладаат осомничениот.

Бидејќи во конкретниот случај не постои друга можност за обезбедување на присуството на насилникот во текот на постапката, јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор. ​​