Состојбата со пожарите во кичевскиот регион е повеќе од загрижувачка и секојдневно се јавуваат нови огнени жаришта. Екипите задолжени за ваков вид елементарни непогоди се континуирано на терен, но поради раширеноста на опожарените површини тие имаат потешкотии да стигнат на сите локации.

– Најново огнено жариште во кичевскиот регион е големиот шумски пожар што се појави денес во 17 часот во населбата Зајас-Џума. Огнот со голема брзина се рашири на поголем простор, а огнената стихија ја зафати и боровата шума. Во близина на уште една населба во ова село, Зајас- Челиковци, исто така појавен е пожар, а на самото место се наоѓаат екипи задолжени за ваков вид непогоди и тоа од ТППЕ, ЕЛС Кичево, ДЗС, месното маселение и други. Загрижува фактот што овој пожар е на мало растојание од селските куќи, и ако навреме не се интервенира огнот може да се рашири и до самото село. Покрај овие пожари, активен е големиот шумски пожар помеѓу селата Жубрино и Поповјани, а ново огнено жариште се појави и во близина на село Јагол. Екипите задолжени за гасење на пожари се наоѓаат на терен и будно ја следат состојбата – истакна Леоне Станишоски од ПО на ДЗС Кичево.

Тој за утрешниот ден најави средба со првиот човек на општината, за да се скенира состојбата, да се лоцираат причините и што побргу да се реши овој проблем.

– Имајќи ја в предвид алармантната состојба со пожарите во нашиот регион, иницирав средба со градоначалникот Фатмир Дехари за утрешниот ден, каде ќе ги побараме причините за овие пожари и како тие да се надминат. Сме имале сушни периоди и порано, но до овој степен, толку активни пожари во исто време, никогаш сме немале. Нашите апели до месното население во руралните средини да не ги палат стрништата и други површини со грмушки и сува трева, за да не предизвикаат појава на нови пожари, засега како да не допираат до нив – додава Станишоски. З.А.

Пожар кај Зајас