Од вчера целосната забрана за движење во шумите не важи за физички и правни лица кои имаат итна и неопходна потреба за движење во шума, по претходно издадена дозвола од ЈП „Национални шуми“, кажа директорот на Центарот за управување Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција, додавајќи дека забраната важи за „Јасен“ и на Водно поради тамошните активни пожари.

– Имајќи предвид дека планинарите се најголеми пријатели на шумите и кои можат да нѐ известат за ширењето на пожарот и да помогнат во гаснењето на неговата рана фаза, како и дека параглајдеристите, исто така, можат да забележат појава на чад и пламен и навремено да известат, ние како главен штаб за управување со кризи во разговор со ЈП „Национални шуми“ сугериравме ублажување на целосната забрана за движење во шумите – објасни Ангелов.

Тој истакна дека била одржана уште една работна средба со тројца припадници на шумските служби на САД, чие искуство може да бидат значајно за ЦУК и за Македонија, при што е договорено продолжување на соработката.

Во моментов има четири активни пожари, според информациите од редовната прес-конференција на ЦУК. Пожарот кај селата Раовиќ и Буковиќ во општина Сарај е активен на недостапен терен, кон сртот на планината Осој. Пожарот во атарот на селата Ракле – Никодин – Топлица во општина Прилеп сѐ уште е активен, но нема опасност од негово ширење. Пожарот на планината Готен кај село Нивичино е повторно активиран. Моментно интервенираат лица од ШС „Беласица“, а на истиот пожар од беровска територија интервенираат ШС „Малешево“ и ШС „Равна Река“. Пожарот во Кратовско  сѐ уште активен и горат шумска постелка и суви корења. Во моментнов се прави проценка за проширување по што ќе биде одлучено за понатамошниот тек за гаснење.