Затворска казна од 3,6 години доби актерката Силвија Стојановска за транспортот на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Нејзиниот партнер, Воислав Будисавјевиќ, доби седум години затвор.

Пресудата ќе ја обжалат пред Апелациониот суд во Скопје, бидејќи двајцата сметаат дека не се виновни и дека не го сториле делото за кое беа гонети од Обвинителството против организиран криминал и корупција. До правосилноста на пресудата, актерката Стојановска ќе биде на слобода, но со одземен пасош и повремено јавување во суд. Актерката Стојановска и нејзиниот поранешен сопруг, Воислав Будисављевиќ на првото рочиште пред судот кажаа дека не се чувствуваат и виновни за делата за кои се гонат од Обвинителството.

Двајцата во воведните зборови се произнесоа дека не зеле учество во шверц на дрога – кокаин, како и нејзино купување и продавање во количина од близу 700 килограми, како што стои во обвинението.

Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Актерката, нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ и неговиот брат, кој има исти иницијали В.Б., се дел од организирана криминална мрежа која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот Океан во Шпанија, го сокриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба.

– Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули до 18 декември 2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа – информираше Обвинителството.

Обвинетите меѓусебно комуницирале со користење „енкрочат“ телефонски мобилни уреди, како и „енкрочат“ мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.

Двајцата беа приведени на крајот на декември 2019 година.

Стојановска беше неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор. На акцијата, координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД – ДЕА.