Адвокатот Јовица Страшевски кој го застапува Тони Трајковски во случајот „ТНТ“, по одложувањето на денешното судење рече дека неговиот клиент е веќе во подобра здравствена состојба.

Тој кажа дека судијата мудро одлучил, запрашан за одлуката да не се раздвои постапката.

– Вчера по 20 часот здравјето му беше влошено. Беше однесен од сопругата и братот во Ургентен. Сега добив информација дека е во свесна, подобра состојба, но не е многу комуникативен – кажа адвокатот во изјавата.

За поротничката чиј мандат истекува, адвокатот смета дека на следното рочиште таа не може да биде дел од советот.

Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.