Адвокатот Стеван Павлески кој ја застапува шефицата на СЈО, Катица Јанева, за случајот „Рекет“ вели дека таа е жртва на случајот „Рекет“ и дека ќе го докаже тоа. Според него, Јанева била либерална кога требало да одлучи дали осомничени лица во СЈО треба да одат во притвор.

– Катица Јанева е човекот кој гледаше либерално на прашањата за притворот. Таа единствената која дозволуваше куќен притвор, враќање на патни исправи. Погледнете ги одлуките на одделението за организиран криминал, таму немате такви искуства. Но, еве, тоа некој и го зеде за зло. Јас мислам дека Катица Јанева е жртва на случајот и од тие причини ќе го докаже тоа – рече Павлески.

Бранителот на Јанева потенцираше дека обвинителката Вилма Русковска која го води случајот „Рекет“ била задоволна од исказот кој Јанева го даде вчера во Обвинителството за организиран криминал и корупција.

– Одговаравме на сите прашања на јавниот обвинител. Немаше никаков проблем. Таа има граѓанска должност да одговори на прашањата и обвинителот беше многу задоволен – посочи Павлески.

Запрашан дали вчера Русковска ја прашувала Јанева за мебелот од 5 илјади евра за кој денеска беше запленет, Павлески рече дека не се разговарало за тоа.

– Јас не слушнав дека вчера Катица Јанева беше прашана за мебел од 5 илјади евра. Немаше такво прашање. Вчера Јанева беше во својство на сведок и многу коректно соработуваше. Околу 4 часа одговараше – додаде Павлески.

Бранителот Стеван Павлески потенцираше дека имаат писмени докази кои биле презентирани пред Русковска поради кои Јанева не треба да биде осомничена во случајот „Рекет“. Тој додаде дека ќе бараат Јанева во придружба на полиција да оди на погребот на нејзината мајка во Гевгелија, доколку и биде одреден притвор.

– Хумано е да и дозволат да оди на погреб кај мајка и. Дури не треба ниту адвокатите да го бараат тоа. Мислам дека судијата и обвинителот се хумани луѓе. Утре е церемонијата и јас ќе треба да прашам за дејствијата кои ги ставаат на терен – рече адвокатот на Јанева.