Адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески во случајот „ТНТ” бара во име на неговиот клиент прислушуваните разговори и транскрипти да не бидат дел од листата на докази. Тој наведе дека бара бомбите да не бидат докази поради тоа што предметот не го застапува обвинител од СЈО, туку од основното јавно обвинителство.

Миланов е дециден дека ќе се докаже оти Јанакиески како минисер за транспорт и врски немал ингеренции и надлежности за да може да го изврши делото кое му се става на товар.

– Ќе ви докажеме и ќе ве увериме преку содржината на доказите дека обвинетиот Миле Јанакиески со функцијата која ја имал како министер немал ингеренции и надлежности во она што овде му се става на товар. Овој суд по воведните говори и актуелната состојба на застапување на ова обвинение од обвинител од ОЈО треба и мора да одлучи во однос на законитоста на доказите од листата на докази на обвинителството, а тоа се транскрипти и разговори доставени на ЦД, со оглед дека во конкретниот случај не постапува јавен обвинител од СЈО кој што единствено може да ги користи тие докази без оглед на разликите на кој начин и во каква форма им се даде да во тој момент може да ги користат. Сметам дека сите разговори кои ги изведовте во минатата постапка, транскриптите од нелегалното следење на комуникации треба и мора во овој момент да ги отстраните од списите на предметот или да воопшто почнувњето на почнувањето на воведните говори ги одложите до моментот кога ќе биде донесен законот за ЈО во нова форма, па евентуално врз однова на решенијата кои ќе бидат официјални да може да одлучувате во однос на ваквиот предлог. Ќе докажеме дека единствениот документ кој што во смисол на овој обвинителен акт е потпишан од Миле Јанакиески е одлука по жалба на оние кои се наведуваат како оштетени во оваа постапка – рече Миланов.

Адвокатот побара да се одложи рочиштето на кое се даваат воведните говори поради одново отпочнување на постапката, сè додека не се донесе законот за ЈО во нова форма.