Адвокатот на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски, пред почетокот на денешното судско рочиште за предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, побара да запре судењето бидејќи се води без барање од овластен тужител.

– Само СЈО може да води постапки за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Денеска треба да биде присутен специјален јавен обвинител. Не може јавен обвинител од основна надлежност да застапува предмети од проширена надлежност – рече Шврговски и дополни дека само специјалниот јавен обвинител е овластен тужител во постапката.

Тој додаде дека СЈО е човек-институција во чие име работат полномошници.

– СЈО е суверен титулар на тужбата – рече Шврговски.

Претходно, скопакиот обвинител Артан Ајро на судот му достави овластување од државниот јавен обвинител да го застапува предметот заедно со колегите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов, кои не се присутни во судницата.

Ексразузнавачот и актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски, утрово се појави во кривичниот суд во Скопје да сведочи во предметот. Претходното рочиште беше одложено бидејќи немаше уредна достава дека ја примил судската покана.

Во судот насмеан со обезбедувачите влезе и ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, како и останатите обвинети во случајот, заедно со нивните адвокати.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тогашниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработените во УБК, Никола Бошкоски, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ. Грујевски и Бошокоски избегаа во Грција и нив им се суди во отсуство.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. Предметот е во доказна постапка.