Адвокатот Петар Василев кој е бранител на обвинети во случајот „Титаник“, побара одлагање на денешното рочиште за предметот поради случајот „Рекет“ и оставката на Катица Јанева, но судот не дозволи.

– По новонастаната ситуација, сметам дека е доволна причина да се одложи денешното рочиште. Нема никаква намера за одолговлекување. Чисто како можност за предметот и правдата да се даде да се расчистат некои работи. Алудираме и на оставката од Катица Јанева – рече адвокатот Петар Василев.

Според судијата Осман Шабани, нема законски пречки за да се откаже судењето каде се изведуваат докази.

– Зборуваме за предмети кои се во надлежност на друго обвинителство. Што ќе се докаже и што ќе се случи, ќе видиме. Нема законски пречки за одржување – рече Шабани.

На судењето дојде и обвинителката Лиле Стефанова од СЈО. Присутни се и сите обвинети, а дел од нив имаат нови бранители поради летните одмори.

На почетокот, судијата Шабани соопшти дека тој не добил решение дека Миле Јанакиески е во куќен притвор. Јанакиески за разлика од минатиот пат, сега е донесен на судењето.

Последното рочиште за овој предмет не се одржа, а беше закажано за 26 јуни.

Обвинетите се товарат за изборни нерегуларности, а на рочиштето се изведуваат докази.