Фото: Игор Бансколиев

Нарушувањето на здравјето на поранешната јавна обвинителка Катица Јанева, како и префрлањето на предметите во редовното обвинителство најверојатно ќе бидат двата аргументи на нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска, која веќе поднесе барање за укинување на мерката притвор до судот. 

Тоа што Јанева не е веќе на функцијата специјален јавен обвинител, како и тоа што не може таа да влијае на предметите кои беа водени од СЈО или обвинителите кои беа нејзини помошници, се основата поради која се бара укинување на мерката притвор од нејзината адвокатка. Дополнителен основ е тоа што Јанева е разрешена и од јавен обвинител на Гевгелија. 

Според тоа, одбраната ќе бара да се укине притворот со депонирање на гаранција во недвижен имот. Јанева, според анкетниот лист од Антикорупциска, пријавила дека поседува куќа и земјиште во Гевгелија, како и два стана во Скопје кои се водат на име на нејзините деца. 

Како осомничена во случајот „Рекет“, притворот од 30 дена кој ѝ беше одреден на Јанева од обвинителството завршува за два дена. Засега е непознато дали обвинителството ќе побара продолжување на притворот или ќе одреди други мерки. Здравствената состојба на Јанева, како што информираат од затворската управа на Шутка, е стабилна, а нејзината адвокатка тврди дека психолошката состојба ѝ е влошена.