Фото: Архива

Aдвокатите на обвинетите за Диво Насеље денеска се појавија пред кривичниот совет на Апелацискиот суд кој им дозволи да ги истакнат сите жалбени наводи, и покрај тоа што обвинетите во случајот вчера одлучија да не присуствуваат на јавната седница.

Бранителите очекуваат укинување на пресудата или евентуално корекција на казните за учесниците во Диво Насеље.

Вчера, осудениците во своето групно излагање побараа меѓународна истрага, рекоа дека не го признаваат судот и дека адвокатите кои им се доделени не можат да зборуваат наместо нив.

Осудениците пред Судот кажаа дека целиот судски процес е изрежиран од страна на коалицијата Груевски – Ахмети и побараа како сведоци да бидат прифатени експремиерот Никола Груевски, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Стојанче Ангелов, Муса Џафери, Садула Дураку и останати високи поранешни и актуелни функционери на ДУИ.

По ова осудениците ја напуштија јавната седница која продолжи само во присуство на нивните адвокати.

Основниот суд Скопје 1 во 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Македонија.