Фото: Игор Бансколиев

Адвокатите на Бојан Јовановски и на ексшефицата на СЈО, Катица Јанева ги оспоруваат аудиоснимките што ги направил бизнисменот Орце Камчев, а кои служат како доказ на обвинителството за случајот „Рекет“ и изнудата на 1,5 милиони евра.

Во судницата се пуштаат голем број аудиозаписи направени од Камчев, каде што тој зборува со Бојан Јовановски – голем дел од снимките се нејасни и не може точно да се слушне за што разговараат двајцата.

Адвокатот на Јовановски, Сашо Дукоски, вели дека снимките не можат да се земат предвид затоа што немаат ниту датум ниту време.

– Паушално се дадени снимките, станува збор за самостојна интерпретација за тоа кој со кого разговара. Освен тоа, нема ниту датум ниту време на снимката – рече Дукоски.

Во однос на снимката направена во куќата на Камчев, кога Јовановски и Зоран Милески Кичеец наводно излегуваат со еден милион евра во чанта „Луј Витон“, Јовановски рече дека “материјалите се лепени”.

– Ова се лепени материјали. Ова е груба аматерка монтажа. Освен тоа, има два типа на снимање, едното е со мобилен, другото е очигледно со камерите на Камчев – рече Јовановски.

Во еден од разговорите во позадина се слуша и гласот на Јанева, а нејзините адвокати ја оспорија снимката велејќи дека не може да се докаже чиј е гласот.

На минатото рочиште беа презентирани докази кои произлегле од вештачењето на мобилниот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски. Меѓу другото, беа прикажани и неколку фотографии и кратки видеа, на кои се гледа како поранешната специјална обвинителка Катица Јанева седи во својот дом, а на масата пред неа стои снопче пари, со банкноти од по 500 евра. Според обвинителството, во снопчето имало вкупно 50.000 евра.