Четиригодишно дете загина во тешка сообраќајна несреќа во Струмичко, кога возач изгубил контрола и удрил во четворица малолетници, по што завршил во електричен столб.

Како што информира полицијата, несреќата се случила вчера околу 14.10 часот пред здравствена амбуланта во с. Банско, Струмичко, М.Н.(25) кој возел „застава“, изгубил контрола и удрил во четири малолетни лица на 4, 9, 14 и 17 години од селото Банско, а потоа во електричен столб.

По незгодата возачот и пешаците биле пренесени во Медицински центар Струмица за укажување на лекарска помош, при што кај четиригодишникот од лекар била констатирана смрт, а со тешки телесни повреди се здобил 14-годишниот пешак. Кај возачот и другите двајца малолетници се констатирани телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Струмица.