Автобусот што изгоре и во кој животот го загубија 45 лица, не бил пријавен за вршење меѓународен превоз, обзнани министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој посочи дека „Беса транс“ има пријавено четири возила, но опожареното, не е меѓу нив.

Бочварски, кажа дека Инспекторатот за транспорт требало да контролира дали превозникот имал лиценца за тоа возило.

„Сега, отпочната е и постапка за одземање на лиценцата на превозникот, а Инспекторатот ќе направи вонреден инспекциски надзор“, додаде тој.

„Министерството издава лиценца за меѓународен превоз на патници и извод од патници за меѓународен превоз на патници. Возачот мора да има меѓународен сертификат за превоз на патници. Во системот на МТСП, конкретниот превозник е заведен со четири возила кои имаат лиценци за превоз. Превозникот може да врши превоз на патници откако ќе добие лиценца за моторното возило. По добиените информации од МВР за опожареното возило, констатиравме дека тоа не било пријавено и поради тоа го нема во базата на Министерството за транспорт и врски. Превозникот е должен веднаш, а најдоцна за 15 дена сите промени настаните во поглед на исполнување на условите, тоа е пријавување или одјавување на возило или возач“, кажа Бочварски.

Тој посочи дека компанијата чиј автобус беше опожарен, ги исполнила условите да добие лиценца за превоз на патници.

„Се работи за утврдување на причините за несреќата. Од аспект на министерството со кое раководам, превозникот на 18.07.2018 година доставил барање за добивање на лиценца за превоз на патници. Има целосна документација и ги исполнил условите, за што му е дадена лиценца за превоз на патници. Тој имал уредна документација за техничките услови. Доставил список од ПИОМ за возачи во редовен работен однос. Ги исполнил условите и му била издадена лиценца. Според комплетната документација, превозникот до овој момент има уредна лиценца за меѓународен превоз на патници“, рече тој.

Институциите не знаат колку пати автобусот на „Беса транс“ вршел превоз на патници во и надвор од Македонија. Нема одговор ниту колку пати е направена контрола во компанијата од страна на инспекторатот за транспорт. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кажа дека при излегување од државата, Царинската управа требало да прави редовна контрола при секое напуштање на државата со патници.

„Контрола на транспортните компании врши Државниот инспекторат за транспорт. Контролите се прават по пријава или вонредна контрола. Таа компанија може да биде исконтролирана на граничните премини. Не знаеме колку пати ова возило ја напуштило државата и вршело транспорт. Треба документацијата да биде исконтролирана на границите од страна на Царинската управа. При излегување да бидат побарани сите документи, а ако не ги поседува, треба да биде запрен“, кажа Бочварски додавајќи дека една лиценца која ја издава Министерството за транспорт и врски важи пет години.

Тој нема информации дека во автобусот имало канти со нафта и додаде дека доколку е така, треба тоа да го утврди истрагата.

„Техничката исправност на возилата не ја утврдуваме ние. Тоа се контролира кога се дава согласност и контрола на техничката исправност на самото возило. Ние добиваме документација од тие компании за тоа дали и колку техничка исправност има возилото за да врши превоз на патници. Има разни типови на превоз, со 12,15,19 седишта. Зависно од спецификацијата. Таа регистрација ја врши МВР по извршен техники преглед. Потоа, се аплицира за дозволи за превоз на патници“, кажа Бочварски.