Судот за жалби во ноември ќе го разгледува барањето за продолжување на затворската казна на Борче Ристевски, пренесуваат австралиските медиуми. 

Македонецот од Мелбурн почна со отслужување на деветгодишната затворска казна во април, откако го призна убиството без умисла на неговата сопруга Карен. Имајќи го предвид веќе поминатото време во затвор, тој би можел да биде ослободен најрано во декември 2023 година. 

Судот ќе одлучува за жалбата поднесена од директорката на канцеларијата за гонење на криминал во австралиската сојузна држава Викторија, Кери Џад, на 13 ноември. Како причина за поднесувањето на жалбата беше наведено оти казната е „исклучително несоодветна“.

Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. Ристевски би можел да биде ослободен по четири и пол години, земајќи го в обзир времето кое веќе го помина во затвор.

Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од пресудата изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаат дека правдата не е задоволена.